Биографија на Тоше Проески
Победа на Беовизија[уреди | уреди извор]
На 13 април 2003 година, Тоше Проески победи на првата Беовизија (фестивал на кој од 2004 година се избира српско-црногорскиот, а од 2007 само српскиот претставник на Евровизија). Тоше на Беовизија настапи со песната Чија си, на авторскиот тандем Леонтина Вукомановиќ и Жељко Јоксимовиќ, која на крајот имаше вкупно 75 поени, што беше дури за 29 гласа повеќе од второпласираната композиција.
Значењето на победата на Тоше беше голема пресвртница и значаен момент во неговата кариера, особено поради тоа што на фестивалот настапија мошне популарни екс-југословенски ѕвезди, а во стручното жири членуваа истакнати музички дејци. Искачувајќи се на сцената, уште еднаш да ја отпее победничката песна, Тоше Проески не пропушти прилика да ја спомне својата земја, истакнувајќи дека би било убаво доколку Македонија или СЦГ во 2005 ја организираат Евровизија.
Песната Чија си стана еден од најголемите хитови што Тоше ги испеа во целокупната кариера, песна која заедно со Тајно моја ја лансираше македонската мегаѕвезда директно во редот на најпопуларните изведувачи кај нашиот северен сосед и пошироко.
Тоше Проески на натпреварот за песна на Евровизија 2004[уреди | уреди извор]
На 49-тото издание на Изборот за песна на Евровизија, Македонија ја претставуваше нејзината најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше се претстави со песната Life, која всушност беше преработена верзија на оригинално избраната Ангел си ти.
Оваа песна беше избрана на 14 февруари 2004 година, во конкуренција со уште седум други песни од еминентни музички имиња, напишани специјално за Тоше.
Инаку, музиката и аранжманот на песната Ангел си ти се на Јован Јованов, а текстот на Илија Николовски. Оваа композиција беше убедливо најдобра, како според телевоутингот, така и според 11-членото жири, а најмногу му се допадна и на самиот Тоше.
На Изборот за песна на Евровизија, Тоше со својата моќна и енергична изведба како и со придружните вокали кои направија артистично шоу на сцената, успеа да се пласира од полуфиналната на финалната вечер. На финалната вечер, со освоени 47 поени се пласира на 14-тото место.
Иако Тоше не беше задоволен од својот пласман, поради познатата соседска размена на гласови, како и поради самиот евровизиски концепт кој не бара врвни пејачки квалитети, туку акробации и жонглирање на сцена, сепак Македонците достојно ја пречекаа својата ѕвезда при враќањето од Истанбул во толкава бројност и толкава еуфорија, исто како Тоше да победил на Евровизија.
Вториот голем концерт на Градски стадион[уреди | уреди извор]
На 23 јуни 2006 година се случи вториот голем солистички концерт на Тоше, на Градскиот стадион. Спектакуларниот концерт започна со атрактивна танчерска група од Белград и во ритамот на придружниот состав на Тоше, Blue Funky Individuals. Воведните стихови на огромниот хит По тебе ветуваа дека журката на Градски ќе биде незаборавна.
Легендарната Јужна трибина беше преполна, како и тревникот пред бината, што уште повеќе го мотивираше Тоше да го даде својот максимум. Се редеа хитовите од албумот По тебе: Рани на усните, Громови на душа, Кој ли ти гризе образи, Полско цвеќе..., како и песните од претходните изданија: Во коси да ти спијам, Лејди, Излажи ме, Сонце во твоите руси коси, Далеку од мене, Ангел си ти... Секоја од нив беше прифатена еуфорично.
Некаде на половината на концертот, на сцена се појави етно-пејачката Биља Крстиќ, која во дует со Тоше ја испеа Јовано, Јованке, а додека Тоше се пресоблекуваше, Биља ја почести публиката со својот голем хит Пуче пушка од филмот Зона Замфирова. Со неверојатна енергија, Тоше беше брилијантен и во другиот дел од концертот, кој официјално заврши длабоко по полноќ.
На бисот уште еднаш ја отпеа По тебе, како и Зајди, зајди. Веднаш после концертот Тоше замина за Будва.
Концерт во белградска Арена[уреди | уреди извор]
Нa 14 февруари 2007 година, Тоше одржа спектакуларен концерт во српската престолнина - Белград. На неговиот концерт присуствуваа помеѓу 15 и 20 илјади луѓе од сите генерации. Концертот се одржа во белградската Арена, најубавата сала за концертни, културни и спортски активности на Балканот.
За концертот на Тоше, српските медиуми известуваа неколку дена претходно, респектирајќи го како голем и централен настан во српската метропола. Тоше со своето тричасовно шоу успеа да го докаже тоа. Тој го започна концертот со песната Пратим те (македонска верзија По тебе), а потоа се изнаредија сите негови хитови од српската фаза на неговата кариера, со исклучок на Тајно моја, која публиката на течен македонски ја испеа хорски, од прв до последен збор.
"Ова е најсреќен ден во мојот живот. Првпат ми се случува концертот кој уште да не е почнат, јас се плашам дека ќе заврши" - рече Тоше по неколку испеани песни. На одличен српски јазик, Тоше без проблем комуницираше со својата публика како никогаш до сега. Ерупција од задоволства настана кога најпрво им го честиташе православниот празник Св. Трипун, па меѓународниот Св. Валентин. Фидбекот постојано се враќаше од другата страна, оти фановите ги знаеја сите песни напамет.
Како што забележаа некои медиуми, Тоше на концертот се покажа како одличен гитарист, речиси на самиот старт кога се фати за гитара, во изведба на Лејди. Со него на сцена беа и членовите на неговиот бенд Blue Funky Individuals, диригентот Саша Николовски - Ѓумар, симфониски оркестар, хор... и сите беспрекорно си ја завршија својата работа.
Тоше на концертот имаше и многубројни гости, Биља Крстиќ со која ги испеа македонските народни песни Јовано,Јованке и Море сокол пие, Џана Нанини, со која заедничката песна Арија ја имаше својата светска премиера, Александра Милиќевиќ со која ја испеа песната 1200 милји (во оригиналната изведба со Гоца Тржан), оркестарот на Срѓан Азировиќ со кој ја исполни Несаница (тема од филмот Ивкова слава) и Танец кои уште еднаш докажаа дека се вистински македонски културни амбасадори.
Крајот на концертот беше вистински делириум, бидејќи за крај беа оставени неговите најголеми хитови - Лагала нас мала, Чија си и Срце није камен. Како специјален подарок од Тоше за неговите фанови, тој ги исполни Fragile од Стинг, Nothing else matters од Металика и Као какао од Леб и сол.
На 12 февруари 2008 година концертот од белградската Арена започна да се продава во ДВД издание. Овој концерт е одлика на неговиот патриотизам и сè она што беше Тоше – велат од неговата матична продукција „Аворд“. На ДВД-то има материјали од хрватскиот Радиски фестивал во Хвар, промоцијата на албумот „Игри без граници“ од Загреб.
Победа на Хрватски радиски фестивал[уреди | уреди извор]
Најпопуларниот македонски пејач Тоше Проески, го продолжи искачувањето кон врвот на балканската музичка сцена со победата на Хрватски радиски фестивал на 9 јуни 2007 година. Тој со песната Veži me za sebe, сосема заслужено освои Гран при во категоријата поп рок и урбана музика, освојувајќи вкупно 16.589 гласови.
Третиот голем концерт на Градски стадион[уреди | уреди извор]
Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ поп-ѕвездата Тоше Проески, на 5 октомври 2007 во 19:30 часот, одржа спектакуларен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, поддржан од организацијата УСАИД. Парите од билетите, кои чинеа 200 денари, се искористија за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата. Со нив ќе бидат реновирани околу 100 училишта во Македонија, ќе се подобри наставната програма и ќе се спроведат образовните реформи. На вeчерната прес-конференција во хотелот „Континентал“, освен Тоше, присуствуваа претставници од УСАИД. Директорот Мајкл Еди, кој се обрати на македонски, рече дека се гордее што работи со ѕвезда од рангот на Проески. Тоше истакна дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се реновира.
- Чест ми е што сум дел од проект од вакви размери и од големи планови за македонското образование. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните многу ми значат оти остануваат трајно. Ако се подобри образованието во Македонија, ќе имаме поздраво општество - изјави Тоше.
Како негови гости настапија Адријан Гаџа, Бојан Маровиќ и Антонија Шола. Тоше на прес конференцијата непосредно пред концертот истакна дека секогаш ќе се чувствува како Македонец и никогаш нема да ја напушти својата татковина. - На успехот секогаш е залепено зло зашто човечката природа е таква. Се надевам на поддршка од сите за да се справам со злобните луѓе, оти не можам да го направам тоа сам - рече пејачот. Третиот голем солистички концерт на Тоше Проески, на Градскиот стадион, повеќеилјадната публика ќе го памети по неговиот силен и енергичен настап, како и по фактот дека таа ноќ Тоше максимално ѝ се даде на македонската публика. Особено запаметено останува неговото барање: „Сликајте ме со ѕвезденото небо", кога илјадници мобилни телефони и запалки светнаа на неговите романтични рефрени.
По завршувањето на концертот, на Тоше и на неговите колеги им беа доделени статуетки Мајка Тереза, од истоимената фондација, како знак на благодарност за хуманото дело. Тоше ја предаде статуетката на неговата мајка Доминика, која му ја всадила хуманоста од мали нозе. Додека се случуваше сето тоа, небото над Скопје, го осветлуваше величествен огномет во чест на Тоше.
Со специјални материјали, концертот од 5 октомври 2007 година, беше емитуван на Бадник - 6 јануари 2008 година на А1 Телевизија, од 15 до 19 часот.
Сообраќајна несреќа[уреди | уреди извор]
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години.[5] Во мигот на несреќата, Тоше се наоѓал на совозачкото седиште во возилото Фолксваген Туарег (Volkswagen Touareg) кој со голема брзина удира во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда. Останатите двајца патници - возачот Ѓорѓе Георгиевски поминува со потешки додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ со полесни повреди. И двајцата се вон животна опасност.[6] [7][8].ја за Тоше Проески
This comment has been removed by the author.
ReplyDeletebravo Marko
ReplyDelete